Северни ветришта дуваат кон Минхен
Досега три пати во историјата на клубот на Баерн му успеал подвигот да од прво до последно коло биде лидер на табелата во Германија. Последен пат ова се случило 1984/85 година. Сезонава веќе 12 кола тимот од баварската метропола царува- од оние први 3:0 со Ханза во август до денеска.
Но по двете 0:0 со Дортмунд и Франкфурт фудбалерите на Баерн непотребно сами си го искомпликуваа животот и ја направија ситуацијата на врвот на табелата возбудлива.
На 2 односно 4 бода разлика до Баерн се клубовите од Северна Германија- Хамбург и Вердер Бремен. А пред само 2 недели предноста пред тогаш вториот Карлсруе беше цели 5 бода.
„Сеуште заостануваме но никогаш не рековме дека се откажуваме од трката за титулата“- изјави капитенот на Вердер Франк Бауман. „Во ниеден момент не ги сметав за сериозни изјавите на оние кои сакаа да ја пратат титулата во Минхен уште пред сезоната да почне“- го дополни генералниот менаџер на Бремен Клаус Алофс.
Од друга страна поприземјени изјави доаѓаат од Хамбург: „Убаво е што нашите навивачи почнаа да сонуваат за нешто повеќе на крајот на сезоната но мене ме интересираат само овие три бода денеска. Мора да останеме приземјени. Целта е на крајот да сме подобро пласирани од лани- и сега за сега добро ни оди“- искоментира тренерот Хуб Стевенс по победата од 2:1 на неговиот тим против Херта. „За да почнеме да сонуваме е прерано“- смета дефанзивецот Гај Демел а плејмејкерот на тимот од Хамбург- Рафаел в.д Ваарт даде уште едно многу реално мислење: „Едноставно се надевам дека подолго ќе успееме да се одржиме блиску до врвот. Никогаш не се знае. Притисокот сега е врз Баерн. Тие мораа да станат шампиони.“
А како гледаат Баварците на новата ситуација на табелата? „Секако дека не ни е право но ова не не прави нервозни- игравме премногу добро за да би станале нервозни. Денеска едноставно немавме среќа“- смирува К.Х. Румениге по мечот со Ајнтрахт. „Не не интересира кој не следи на табелата- целосно се концентрираме на нашата игра“- типично за него коментира в. Бомел. Максимално релаксиран и самоуверен е и капитенот Кан. Тој за „Кикер“ изјави: „Класата и квалитетот што го има овој тим ќе се покаже долж целата сезона. Убеден сум дека по 34 одиграни натправари ние ќе бидеме на врвот.“
Инаку наредното коло во Бундес Лигата ќе биде супер интересно: Баерн му гостува на шампионот Штутгарт кој по стартните проблеми успеа да влезе во серија од 3 победи, Хамбург гостува на „Ауф Шалке“ во Гелзенкирхен а на „Везер“ Бремен ќе го пречека Карлсруе- тим кој сезонава на гости има освоено 13 од можни 18 бодови.
Нема коментари:
Објави коментар