Со полна пареа напред!
Конечно, после една мини „криза“, тимот од соништата на Баерн распали од сите цилиндри. Овојпат Карлсруе се најде на патот на Баерн.
Хицфелд натпреварот го започна со Отл во стартната формација и младиот дефанзивец остана на теренот цел меч покажувајќи една многу стабилна, цврста и константна игра во текот на сите 90 минути. Идејата позади играњето на Отл беше в.Бомел и Зе Роберто да се одморат и да добијат по едно полувреме игра што се покажа мошне исправно. Во првите единаесет се најде и Хамит Алтинтоп на местото на Швајнштајгер и во целост ја оправда укажаната доверба само потврдувајќи ја одличната форма во која се наоѓа од кога е во главниот град на Баварија.
Натпреварот започна со лесна иницијатива на Баерн- исто како и сите досегашни натпревари сезонава. Разликата беше во тоа што овој пат шансите што беа резултат на таа иницијатива се искористија со безмилосна ефикасност. Во 5тата минута, во една акција скоро идентична на таа преку која во четвртокот Баерн го постигна победоносниот гол со Белененсес, повторно истите двајца актери- в.Бомел и Тони- му донесоа водство на Баерн. Овој гол беше уште поубав од тој во четвртокот бидејќи Тони мораше малку повеќе да се помачи за да ја прими топката по компјутерски прецизното додавање на в.Бомел па од тоа излезе феноменален потег кој беше крунисан со лоб кој заврши позадио грбот на Милер.
После овој гол домаќините со многу желба почнаа да напаѓаат се повеќе и повеќе. Ако за нешто не може да му се приговори на Карсруе тоа е за залагањето. Но нивните нападите беа едноставно „тапи“, без убоитост и најчесто беа само лесен плен за Демикелис и Лусио. Единствено за издвојување е шансата на Фраис кој од работ на шеснаесетникот дефинитивно можеше да бие многу попрецизно.
Натпреварот беше ефективно решен во 20тата минута. Алтинтоп упати една за него карактеристична бомба од 16тина метри, Милер реагираше не баш сигурно и ја одби топката пред нозете на Клосе. Германскиот репрезентативец од непосредна близина, нормално, не промаши. Инаку ова беа голови број 4 и 5 сезонава за Тони и Клосе. Двајцата едноставно фукционираат феноменално цела сезона.
После овој гол гостите ја тргнаа ногата од педалата за гас но во ниту еден момент не се доби впечаток дека ја испуштаат контролата на теренот. Единствено Хајнал имаше една полу шанса во 41та минута а минута подоцна, фудбалерот на Баерн на позајмица во Карлсруе- Андреас Герлиц се обиде од далечина но тоа ни оддалеку не беше реална закан за Кан.
Кога сме кај чуварот на мрежата на Баерн- ова беше негов вкупно 600ти натпревар во дресот на најтрофејниот германски клуб и враќање во Карлсруе, каде и ја започна кариерата и од каде и што се пресели во Минхен, после 11 години.
Второто полувреме почна исто како и првото. Веќе во 49тата минута беше 3:0. Јансен прекрасно го пронајде Алтинтоп кој сосема слободен и од никого нечуван убаво си се намести пред, со одличен волеј со многу ефе од 18тина метри, да го совлада Милер.
Гостите возвратија само 2 минути подоцна со исто убав шут од далечина на Порсело. Ова како да ги осоколи домаќините па по голот следуваше и најдобрата фаза од играта на Карлсруе. Најпрво Кан мораше да спасува после една убава шанса на Капилани за веднаш потоа, во корнерот што следуваше Зе Роберто да мора да спасува на гол линијата.
Но десетина минути подоцна следуваше и конечниот нок-аут за борбените домаќини. По една школски изведена акција на Подолски(кој влезе на местото на Тони и одигра многу солидно) и Клосе Зе Роберто се најде очи во очи со Милер и ја заврши акцијата како да е првокласен голгетер а не играч од дефанзивна средина.
Камо само и во претходните натпревари вака да се користеа шансите...
До крајот сепак концентрацијата попушти па Клосе пропушти една 200%тна шанса.
Рибери и немаше свој ден барем што се однесува до давање тон на нападите на Баерн но по обичај можеше да се најде насекаде на теренот- од својот до противничкиот шеснаесетник, Клосе и Тони беа на ниво на задачите, средниот ред генерално имаше контрола над случувањата во текот на најголем дел од мечот, слично како и одбраната а Алтинтоп најверојатно беше најдобар актер на теренот.
Karlsruher SC - FC Bayern 1:4 (0:2)
Karlsruher SC: Miller - Görlitz (62. Kapllani), Eggimann, Franz, Eichner - Mutzel, Porcello - Timm, Hajnal, Carnell (44. Iashvili) - Freis (80. Staffeldt)
FC Bayern: Kahn - Lell, Lucio, Demichelis, Jansen - Altintop, van Bommel (46. Zé Roberto), Ottl, Ribéry (78. Schweinsteiger) - Klose, Toni (67. Podolski)Судија: Peter Gagelmann
Гледачи: 30.702 (распродадено)
Голови: 0:1 Toni (5.), 0:2 Klose (20.). 0:3 Altintop (49.), 1:3 Porcello (52.), 1:4 Zé Roberto (75.)
Жолти Картони: Franz, Hajnal / -
Нема коментари:
Објави коментар